Од македонските ниви, 15 илјади килограми црвени пиперки со високо ниво на пестицидот метомил стигнале на хрватскиот пазар. Европскиот систем за безбедност на храната објави дека пиперките се повлечени. Употребата на овој пестицид е забранета, а инспекциите вршат контрола кај производителите.

Хрватските власти по четврти пат годинава открија високо ниво на пестицид во македонски зеленчук. Последната ваква пратка до тамошниот пазар била испратена минатиот месец.

Вкупно 15.000 килограми или 25 тони црвени пиперки биле извезени од кај нас на 9 -ти септември, за две недели подоцна да биде земен примерок од анализа од малопродажната мрежа.

Анализата открила дека зеленчукот содржи метомил повеќе од дозволеното.

Информацијата ја објави Европскиот систем за безбедност на храната (RASFF) кој соопшти дека максималното дозволено ниво на овој пестицид е 0,01 mg/kg, но во македонските пиперки е утврдено негово присуство од 0,049 mg/kg .

Според овој Систем за брзо предупредување за храна и добиточна храна, ризикот од ова ниво на пестицид е сериозен.

Високо токсичен пестицид

Но што поточно тоа значи за човековото здравје и воопшто за животната средина, објаснува професорот Велимир Стојковски од Факултетот за ветеринарна медицинакој за РСЕ вели дека метомилот е високо токсичен.

„Од биохемиски аспект, неговата акутна и хронична токсичност е навистина висока, а при тоа, тој има способност многу бргу да се ресорбира преку кожата, но и со вдишување исто така, како и со орално внесување директно“, додава д-р Стојковски, професор по биохемија.

Гадење, вртоглавица и конфузија, се само дел од последиците кои може да ги има некое лице, изложено на метомил во поголеми дози.

Извор РСЕ