Група граѓани и изутрината ја блокираа крстосницата кај мостот „Близнаци” во Скопје, како продолжение на протестите што се организираат секојдневно во изминатите недели со цел решавање на проблемот со дивата депонија Вардариште.
Протестот се најавуваат и во наредните денови – секое утро од 7.30 до 8.30 и попладне во 18 часот.
„Немаме политичка, партиска агенда. Сакаме да живееме во здрава средина”, порачаа учесниците на собирот. Граѓанскиот револт беше поттикнат од палењето на депонија Вардариште, а чашата ја прели и огнот во депонијата Дрисла, којашто со денови го загадува главниот град.
Жителите на Скопје се гушат во чад и миризба на изгорена пластика. Ситуацијата кулминираше за време на викендот кога беа активни пожари на повеќе локации, а најсилен беше во Трубарево каде што се запали складиште за отпад. Здравствените работници препорачаа носење на заштитни маски, а граѓаните се жалат дека со денови не можат да ги отворат прозорците и седат затворени дома, бидејќи смрдеата е неподнослива.










