Македонија денеска го слави Денот на независноста 8 Септември – 34 години од историскиот референдум на кој граѓаните во 1991 година со убедливо мнозинство се изјаснија за суверена и самостојна држава.

Оттогаш земјата го започна патот како независна парламентарна демократија, а 8 Септември стана еден од најважните државни празници. Честитки денеска пристигнаа од македонскиот државен врв, амбасадата на САД и претставници на ЕУ.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во својата честитка денеска потсети дека државата и денес се соочува со бројни предизвици, поделби и надворешни притисоци. Таа оцени дека земјата мора да продолжи да се бори за својата сувереност и европска иднина.

„Денес, 34 години потоа, во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, европска и правна држава. Изминативе три децении се соочивме со внатрешни поделби и кризи, со надворешни предизвици и со компромиси кои не беа усогласени со референдумската одлука од 1991 година. Неправдите, за жал, не се отстрануваат со потег на перо, туку со макотрпна борба, внимателни активности и со внатрешно единство. Самопочитта и меѓусебната почит се темели врз кои мора да ја градиме иднината,“ порача Сиљановска-Давкова.