Вработени во министерства бараат зголемување на платите, засега неуспешно. Неколку приватни научни институти добија клуч на врата. Зошто нема патнички возови до ниедна соседна земја? Њузлетер 17.01.2025
Почна новата сезона на протести за поголеми плати
Вработените од неколку министерства на 14 јануари излегоа на получасовен штрајк пред Министерството за животна средина за поголеми плати. Најавија секојдневно протестирање.
Тие се разочарани што Владата не предвиде средства за потпишување на колективниот договор, кој ќе значи покачување на платите за 30 отсто.
„Иако предлог-колективните договори беа доставени до Министерството за финансии пред носењето на државниот буџет за 2025 година, од за нас неразбирливи причини Министерството за финансии не одобри средства за потпишување колективни договори“, изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ).
Деаноски повтори дека ова барање е старо повеќе од четири години и дека за овој додаток на плата протестирале и штрајкувале со години.
„За жал, ниедна влада досега не го слушна нашиот глас“, изјави Деаноски.
Протестираат вработени во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.
Од Владата порачуваат дека се подготвени да разговараат на секоја тема, но упатија и обвинувања дека денешниот штрајк бил незаконски и политички мотивиран. Владината портпаролка Марија Митева го обвини УПОЗ дека изминатите години „молчел за ова прашање“ и оттаму, посочи, се сомневаат дека „зад ваквиот чекор стои политичка заднина на Синдикатот кој делува како продолжена рака на партиите“.
Повеќе на РСЕ










