Време е за храбар ЕУ исчекор, по примерот на оној од 2004 година, што ќе означи реунификација, односно реинтеграција на нашиот регион, повика во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.
„Балканот е природен дел на Европа: географски, историски и културно. Европската идеја е уникатна политичка филозофија подржана од сите политички актери, партии, но и граѓани во регионот. ЕУ членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе оневозможи закана и дестабилизација од фрустрираните националисти и ќе гарантира траен мир”, рече Сиљановска Давкова. Ова беше нејзиното прво годишно обраќање во парламентот откако беше избрана на функцијата пред седум месеци.
За неа, како што посочи, ЕУ е сѐ уште најпосакуваниот демократски политички систем и дом.
„Не случајно. Денес, граѓаните на членките на ЕУ имаат подобро мислење за нејзиниот демократски капацитет, од оној на своите националните власти, со исклучок на Луксембург. Некои западни политолози метафорично пишуваат дека Западен Балкан е Ахилова петица на ЕУ. Ако е така, ниту Париз не смее да нишани во неа, а Берлин и Брисел не смеат да дозволат да биде на нишан, рече Сиљановска Давкова.
Крај на балканизацијата
Таа нагласи дека целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, а со тоа и крај на балканизацијата како феномен, бришејќи ги границите меѓу балканските држави.
Повеќе на dw.de









