Поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети се ставени на американската црна листа поради политичко мешање и обиди за оцрнување на судството во државата, информираше на прес-конференција во Скопје амбасадорката на САД, Анџела Агелер. Со мерките се опфатени и нивните семејства на кои им е забранет влез во САД. Во Вашингтон се разгледуваат и дополнителни санкции.
Значаен чекор во борбата против корупцијата
„Стејт департментот на САД презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа, поради политичко мешање во судството“, вели Агелер.
Таа се надева дека со ова ќе покажат дека САД ги користи сите можни алатки за повикување на одговорност кон овие лица, чии криминални активности ја нарушуваат безбедноста, стабилноста и доброто владеење во Северна Македонија.
„Согласно законот во САД, мора да ги ставиме на црната листа лица за кои постојат докази дека се вклучени во корупција, без оглед на нивните минати или сегашни функции. Велиме дека правдата е слепа, но таа мора да биде непристрасна и објективна за сите, без разлика на политичка партија, пол или етничката припадност или позиција“, вели Агелер.
Амбасадорката на САД е децидна дека корупцијата во ниедна форма не треба да се толерира во земјата.
„Оние кои го поткопуваат владеењето на правото заради лична добивка, а на сметка на народот во Северна Македонија, треба да разберат дека корупцијата има последици. САД ќе продолжи да повикува на одговорност за сите инволвирани во корупција, и се надевам дека судството и оние кои го спроведуваат законот во земјата ќе го направат истото. Граѓаните на оваа земја го заслужуваат тоа“, вели Агелер.
Понатамошните постапки се во рацете на македонските правосудни органи. Амбасадорката очекува тие соодветно да постапат. „Ако ние успеавме да ги составиме сите докази – можат и тие“, порача амбасадорката.
dw.de










