Четворица работници загинале во првата половина од 2024 година, додека 1.130 се повредиле за време на работа, покажуваат бројките на Државниот инспекторат за труд. За невладиниот сектор, податоците на државните институции се нецелносни и не ја одразуваат реалната состојба.
54 годишниот работник Ј.И. од Скопје, во попладневните часови на 29 септември, извршувал градежни работи во куќа во општина Чаир, кога врз него паднал бетонски столб и го усмртил на лице место. Случајот беше пријавен во МВР и на градилиштето дошла екипа на СВР Скопје. Полицијата не откри дали на локацијата каде се извршувале градежни работи имало и други вработени.
Четири дена подоцна, тројца доктори загинаа во сообраќајна несреќа при судир со камион. Возачот на товарното возило беше тешко повреден и заврши во болница. Несреќата се случи на магистралниот пат Прилеп-Битола.
Овие два случаи се меѓу последните од низата несреќи на работно место кои ги евидентира Министерството за внатрешни работи во дневните билтени. Во годината што изминува, со повреди, несреќи и смртни случаи на работните места се соочиле градежници, рудари, земјоделци, полицајци, пожарникари…
„Уште еден“
Под овој хаштаг во посебна Фејсбук страница, Македонското здружение за заштита при работа ги објавува несреќите и фатални случаи на македонските работници. Ова е единственото здружение од ваков вид, кое од 2008 година активно објавува извештаи за случени несреќи на работното место.
Претседателот на здружението, Милан Петковски, за РСЕ вели дека во Северна Македонија нема официјални и целосни податоци за несреќите кои се случуваат на работните места.
Повеќе на:rse








