По неколкумесечно затишје, во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија повторно изби криза. Средбата Сиљановска – Радев во Софија, која требаше да биде ново поглавје во македонско-бугарските односи, се претвори во фијаско откако двајцата претседатели направија протоколарна фото-сесија на која отсуствуваше македонското државно знаме. Случајот прерасна во дипломатски скандал, а македонското МНР најави дека денеска (понеделник 16.09.2024) ќе го повика бугарскиот амбасадор.
Радев на средбата со Сиљановска дојде откако успешно го атерираше борбениот авион Ф-16 на пробниот лет за аеромитингот кој требаше да се одржи наредниот ден (сабота 14.09.2024) по повод 20-годишнината од членството на Бугарија во НАТО. Во нормални околности ќе беше чест и за двете страни што Бугарија ќе угости претседател кој доаѓа од НАТО сојузник во соседството. Бугарија беше меѓу првите земји кои го одобрија приемот на Македонија во НАТО, што е уште една причина за пријателска атмосфера во разговорите.
Но, работите отидоа во друг правец. Хронологијата на настаните покажа дека претседателскиот кабинет во Скопје воопшто не го забележал проблемот со знамето бидејќи веднаш по средбата на официјалните налози на социјалните мрежи на шефицата на државата беа објавени фотографиите на кои Сиљановска и Радев се ракуваат пред знамињата на Бугарија и на ЕУ. Бурата притоа што се дигна во Скопје, ја натера претседателката и самата да го осуди пропустот, но со доза на дипломатско заобиколување, преферирајќи дека станува збор за грешка на бугарскиот протокол.
„Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, реагираше кабинетот на Сиљановска.
Повеќе на:dw.de









