Додека премиерот Христијан Мицкоски ги соопштуваше 10-тте принципи во својот говор по повод Денот на независноста, на друга страна министерот за јавна администрација Горан Минчев обзнани дека балансерот, за кој новата власт од првиот ден најавуваше дека ќе го укине и ќе го замени со ново посовремено решение, сепак останува. Дали привремено или трајно, тоа не можеше да се прочита од неговиот одговор.
„Сè додека нема друго законско решение, во сила останува примената на балансерот, согласно Законот за вработени во јавниот сектор“, рече министерот Горан Минчев во интервју за РСЕ. Минчев во интервјуто појасни дека „останувањето во сила на балансерот не значи дека нема да биде предмет на расправа неговото евентуално укинување“.
Со оглед на категоричните најави дека балансерот ќе биде укинат, најновата изјава изгледа како спуштање на топката или нудење примирје на противникот на оваа идеја – ДУИ. Нервозни тонови имаше и на релацијата меѓу партијата ЗНАМ чиј што член е министерот Минчев и коалицискиот партнер во Владата, ВЛЕН, околу математиката која треба да се примени при одредувањето на процентот на вработени од помалите етнички заедници во јавната администрација.
Минчев аргументираше дека според Законот за вработените во јавниот сектор алатката балансер се применува само за граѓаните кои живеат на територијата на земјава – а не и за оние од дијаспората. Со пресметките на министерот врз основа на процентот на резидентно население во земјава, излезе дека застапеноста на Албанците во администрацијата не треба да биде 29,5 проценти туку 24,3 проценти.
Овие политички математики предизвикаа жестоки реакции кај партиите од албанската етничка заедница. Од ВЛЕН обвинија дека „кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека ќе го создаваат својот политички идентитет на антиалбанска доктрина“. А од ДУИ порачаа дека е тоа поткопување на Охридскиот договор.
ВЛЕН не е категорично против
ВЛЕН тврдат дека не се против укинување на балансерот, туку нивната заложба е во правец на натамошно јакнење на гаранциите дека Албанците ќе имаат пристап до јавните служби. „Ние сметаме дека балансерот е нефункционално решение кое стана предмет на злоупотреба на Македонците, кои за да се вработат во јавната администрација се пишуваат Албанци. Затоа, неопходен е Закон за правична застапеност кој ќе овозможува Албанците да бидат дел од сите институции врз основа на квалитет, интегритет, стручност“, потенцираа во соопштение во јули како одговор на забелешката на министерот Горан Минчев дека треба да ги читаат постојните закони и дека според Законот за вработените во јавниот сектор балансер се применува само за граѓаните кои живеат во земјава.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, по стапувањето на функцијата во јуни 2024 најави дека укинувањето на балансерот ќе се одвива во фази.
„Во првата фаза ќе се вратиме на законските основи на Пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме кон целосно укинување на алатката балансер при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот – соодветна и правична застапеност на етничките заедници“, рече тој. Идејата, како што потенцираше, е да се стави крај на давањето предност на етничката припадност наместо на стручноста и квалификациите за работното место.







