Енергетиката, економијата, регионалното поврзување на блаканските држави – ова се дел од темите на кои ќе зборува македонскиот премиер Христијан Мицкоски на четвртиот Самит на Европската политичка заедница. Самитот ќе се одржи во историскиот амбиент на палатата Бленхајм во англискиот град Вудсток, родното место на Винстон Черчил, а домаќин е британскиот премиер Кир Стармер.
Мицкоски на Самитот е придружуван од потпретседателот на Владата, Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
„Ќе бидам активно вклучен во настаните коишто ќе се случуваат на Самитот и ќе зборувам за предизвиците коишто следат во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување за балканските држави. Мислам дека ќе има многу работи коишто ќе бидат кажани како план и нешто со кое ќе треба тој дел од Европа и светот да се развива во годините што доаѓаат“, рече Мицкоски во видео порака.
Заштита на интересите на македонските граѓани
Премиерот најави дека на маргините на самитот ќе има и неколку билатерални средби.
„На тие средби сакам да ги повторам позициите на македонската влада – она што претставува заштита на интересите на македонските граѓани и она што претставува борба за идентитетот и борба за она што за жал во изминатите години беше загрозено”, најави премиерот.
Од Самитот, кој го нарече исклучително заначаен настан за Европа, па и светот, за наредните три дена најави продуктивни настани кои ќе значат дека Македонија се сака со дела.
Мицкоски не најави кои ќе бидат негови соговорници на билатералните средби. Но, по Самитот на НАТО во Вашингтон, ова е втор голем самит на кој тој биде на исто место со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со кој се „разминаа“ во САД. Засега нема најави дека таква средба ќе се случи на маргините на овој самит. Мицотакис таму ќе учествува на тркалезна маса на тема „Одбрана и зачувување на демократијата”, заедно со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и други политички претставници. Во Атина има очекувања тој со домаќините да отвори разговори за временски интервал за враќање на скулптурите на Партенон (Елгиновите мермери). Српскиот претседател Алекдсандар Вучиќ веќе најави средба со францускиот претседател Емануел Макрон и со холандскиот премиер Дик Шоф.
Извор:dw.de










