Новиот ирански претседател Пезешкијан е лекар кој 16 години беше пратеник во парламентот на Иран. На изборите тој водеше кампања за помалку конзервативен став за носење хиџаб, а изрази и отвореност за преговори со Западот и за постигнување на нов нуклеарен договор.
Умерениот реформист Масуд Пезешкијан победи на вториот круг од претседателските избори во Иран на 5 јули против ултраконзервативниот кандидат Саид Џалили и ќе стане деветтиот претседател на Исламската Република Иран.
Како што објави портпаролот на изборните органи, Мохсен Еслами на државната телевизија на 6 јули, Пезешкијан освоил 53,7 отсто од гласовите, додека Саид Џалили добил 44,3 отсто.
„Ќе ја подадеме раката на пријателство на сите. Треба да го искористиме целиот народ на Иран за напредокот на земјата“, рече Пезешкијан во своето прво обраќање по победата.
Излезноста во вториот круг беше 49,8 отсто, по рекордно ниските 40 отсто во првиот.
Повеќе на РСЕ










