Земјите од ПСЈИЕ во Скопје постигнаа консензус за идниот генерален секретар на СРС и за заедничка декларација од ПСЈИЕ. Меѓу гостите во Скопје се претседателите на Албанија, Косово, Црна Гора, но и шефот на грчката дипломатија што е прва посета на висок грчки претставник по реакциите на Грција кон новата власт околу Преспанскиот договор.

Со состанок на министрите за надворешни работи во претпладневните часови и Самит на шефови на држави и влади попладне на 13 јуни во Скопје, Северна Македонија го заокружува едногодишното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Строгиот центар на главниот град од утрото е блокиран за сообраќај поради пристигнувањето на претставниците на 13-те земји учеснички во процесот. Повеќето од делегациите, не ги предводат претседателите или премиерите, туку други државни функционери и дипломати. Овој самит во Скопје се одржува додека се очекува формирање на нова влада по парламентарните избори на 8 мај.

„Успехот кој го постигнавме ги надминаа дури и нашите очекувања“, рече министерот за надворешни работи и претседавач со ПСЈИЕ Бујар Османи по завршувањето на министерскиот состанок, кој е прв дел од денешните активности во рамки на оваа регионална платформа.

Тој прес-конференцијата ја одржа заедно со заменик-министерката за европски и надворешни прашања на Албанија, Артемис Мало. И двајцата испратија пораки дека регионалната соработка е неопходна, но потребно е и заокружување на евроинтеграциите за земјите од регионот.

Повеќе на РСЕ