Пациенти кои не се итни, но имале закажани операции, земаат кредити и бараат чаре во приватни клиники. Дел од хируршките сали во Клинички центар работат со надворешни компресори, но тоа не го намалува драстично напливот од пациенти во болниците „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“.
Колку што трае проблемот со затворените хируршки сали на Клиничкиот центар во Скопје, толку трае и голготата на 75-годишниот скопјанец Р.М кој отишол на лекар поради гангрена на ногата. Откако се „прошетал“ низ шест клиники и на крај му понудиле термин за снимање после еден месец, неговото семејство побарало помош во приватна клиника.
Прегледите, снимањата и операцијата ги чинеле околу 7.000 евра.
„Никој не те прашува дали имаш да платиш или немаш. Со тоа што се оперира побрзо го изгуби само прстот. Инаку ќе останеше најмалку без стопалото“, вели член на неговото семејство за РСЕ.
Патешествието на Р.М. почнало неколку дена пред 18 мај, кога официјално беа затворени хируршките сали поради непријатна миризба.
Оттогаш, дел од салите работат со надворешни компресори и се оперираат само итни пациенти. Дел се препраќаат во двете други болници во Скопје, ГОБ „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“.
Сите останати операции се одложени на неодредено време.
„Прво бевме на ургентно во Клинички центар. Не го ни прегледаа, имаше пациенти од сообраќајни несреќи и други итни случаи. Не препратија во ГОБ„8 септември“, од таму на пластична хирургија, па на торакална хирургија. Тука му направија преврска. Следна беше васкуларна хирургија, каде ни рекоа дека ќе го повикаат кога ќе се отворат салите и кога ќе има место. Кој со болки, може да чека да им проработат салите и кога тоа ќе биде?“, прашуваат од семејството на скопјанецот.
Повеќе на РСЕ









