Идниот премиер најави „час поскоро“ ќе ја предложи новата влада. Таа ќе биде со нови и реорганизирани министерства за што му се потребни и 80 гласа во Собранието. Пред да се изгласа новата влада, „Вреди“ сака да се изгласаат и измени за да нема предвремени избори за градоначалници.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска напладне (6 јуни) му го додели мандатот за формирање Влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Повикувајќи се на изборниот резултат и распоредот на сили во парламентот, претседателката рече дека доверувањето на мандатот на Мицкоски е „вистински правен и политички чекор“.

„При конституирањето на Собранието, претседателот беше избран со 76 гласа ’за‘. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат за право основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски, има сериозна можност да формира влада односно да освои 61 глас зад својата програма и составот на Владата што се разбира ќе го предложи во следните 20 дена“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа одржа средба со Мицкоски, кој потоа најави брзо формирање на влада.

Пред да дојде до изборот на Влада, во Собранието ќе се прави нејзина реорганизација – ќе се формираат нови и ќе се трансформираат стари министерства.

ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и ЗНАМ, како извесни партнери во идната влада, заедно имаат 78 пратеници. За да ја направат реорганизацијата, пак, потребно им е двотретинско мнозинство (80 гласа) во 120-члениот парламент.

Мицкоски предлог-законските измени вчера ги поднесе во Собранието и верува дека ќе ја добие поддршката.

„Јас ви велам дека имаме повеќе од 80“, рече Мицкоски по добивањето на мандатот.

Повеќе на РСЕ