На првата седница што ќе ги закаже новиот собраниски спикер Африм Гаши, уште пред формирањето на Владата, ќе се најдат измени на системските закони за да се овозможи формирање нови и трансформација на постоечките министерства. Но, новото владејачко мнозинство претендира на дневен ред да бидат и измени со кои се избегнат предвремени избори за градоначалници

Меѓу првите точки што ќе се најдат на дневен ред пред новиот парламентарен состав ќе бидат законски измени со кои ќе се реализира планот за воведување нови и трансформација на постоечките министерства.

Но, она што идните коалициски партнери сакаат да го решат меѓу првите прашања е и да се избегнат предвремени избори за градоначалници во општините чии актуелни први луѓе може да се преселат во министерските фотелји.

Ова во неделното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), што ќе се емитува во недела (2 јуни), го најави новоизбраниот претседател на Собранието Африм Гаши.

„Сега сме исправени пред предизвикот да имаме носители на општините кои ќе се изберат за пет, шест месеци и после за седум, осум месеци пак да има избори. Мислам дека не е во ред и спротивно е на Уставот некој да се избере со четиригодишен мандат, а некој да се избере со исти гласови на избори со мандат од осум месеци. Мислиме дека е неуставно и треба да се поправи со закон кој ќе овозможи тоа да биде можно“, вели Гаши за РСЕ.

За измени на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство. Преговорите за придобивање на нови пратеници во новото владејачко мнозинство се во тек, како и разговорите за влада.

Конечен договор кој и што ќе земе од владиниот колач нема, но со имињата на идните министри гласно се шпекулира. Градоначалниците на Гостивар Арбен Таравари и на Аеродром Тимчо Муцунски се меѓу оние кои се споменуваат дека ќе направат трансфер од локалната во извршната власт. Таравари како иден министер за здравство, додека за Муцунски досега се споменуваа неколку ресори.

Нивната „преселба“ ќе го отвори патот за нови градоначалници на двете општини, што веќе е случај и со Општина Сарај, чиј досегашен прв човек, Блерим Беџети, стана пратеник од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ.

Повеќе на РСЕ