Повеќе имиња се вртат како можни лидери на СДСМ по најтешкиот изборен пораз од 8 мај. Дел од нив, веруваат дека можат да ја предводат партијата која по седум години власт сега ќе биде опозиција. Меѓутоа, за консолидација на партијата, според екс-лидерот Бучковски, ќе треба најмалку една година.
Откако вчера молчешкум ја поминаа конститутивната седница во Собранието, социјалдемократите утре (30 мај) ќе дискутираат на „Бихаќка“ за да ги утврдат правилата за избор на нов лидер. За наследник на Димитар Ковачевски по најтешкиот пораз што досега го претрпел СДСМ, амбиции има од повеќе страни, но се чини дека потенцијалните кандидати ќе тактизираат до последен момент.
Изборите со непосредно гласање од партиските членови се закажани за 30 јуни.
Радио Слободна Европа (РСЕ) разговараше со дел од најчесто споменуваните имиња за иден лидер – плановите не ги кријат, но засега барем јавно, ретко кој потврдува дека дефинитивно ќе влезе во трката. Единствениот кој отворено зборува дека подготвува концепт, е актуелниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски. Покрај него, во конкуренција може да влезат и актуелните пратеници и поранешни министри Венко Филипче и Славјанка Петровска, досегашниот партиски потпретседател и актуелен директор на Царинската управа Стефан Богоев…










