Лабораторија во Германија треба да утврди што ги затвори хируршките сали во Клиничкиот центар, најголемиот медицински комплекс во државата. Се работи како во вонредна ситуација, се прават само итни операции, останатите се одложуваат. Пациентите се пренасочуваат во болницата „Св. Наум Охридски“ и во ГОБ „8 септември“, но таму веќе се е полно
Се оперираат само итните пациенти, другите операции се одложуваат, засилени се хируршките тимови, собите за пациенти се полни, а по некој празен кревет се чува за „не дај Боже“.
Ваква е ситуацијата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје откако минатиот викенд се затворија операционите сали на Хируршки клиники во најголемиот клинички центар „Мајка Тереза“ поради непријатен мирис од вентилацискиот систем.
Слична е ситуацијата и во ГОБ „8 септември“ во Скопје.
Хирурзи за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека неизвесноста за пациентите и за лекарите продолжува затоа што нема рок до кога вака ќе се функционира бидејќи уште не се знае што ја предизвикува миризбата поради која се затворени повеќе сали на Хируршките клиники.
Министерот за здравство, Илир Демири на прес-конференција кажа дека ќе се чекаат резултати од испитувања во лабораторија во Германија, а случајот го пријави и во Јавното обвинителство. Дотогаш, Хируршки Клиники ќе се послужат со шест надворешни компресори, кои се веќе набавени, но тие ќе се употребуваат за неодложни и покомплицирани интервенции.
Кога ќе стигнат резултатите од Германија и дали Јавното обвинителство ќе отвори предмет – засега нема информација.
Повеќе на РСЕ









