Милијарда евра за четири години, односно 250 милиони евра годишно од државната каса ќе добијат општините, чие салдо на некои со години е во минус „тежок“ по неколку милиони евра. Ова е еден од економските приоритети на ВМРО-ДПМНЕ, која се очекува да ја формира новата влада. Само во првите три месеци од годинава сите општини заедно, имаат неплатени сметки во вредност од 133 милиони евра.
Изградба на фекална канализација, реконструкција на водоводна мрежа, уредување на градски гробишта, изградба на детски градинки и реконструкција на училишта и спортски сали, како и изградба на локални патишта и нивна санација се дел од обврските на локалната власт, што најави дека ќе ги спроведе новата централна власт. ВМРО-ДПМНЕ, партијата којашто освои мнозинство во Собранието, вети дека еден од приоритетите на новата влада ќе биде сериозна економска помош за општините, чии сметки со години се или блокирани или пак во сериозни долгови. Од 80 општини плус град Скопје, секоја година најмалку десетина општини кубурат со пари затоа што имаат блокирани сметки.
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидена е милијарда евра за четири години, односно 250 милиони евра годишно од државната каса да се прелеваат во општинските сметки.
Само во првите три месеци од годинава општините заедно со јавните претпријатија, кои се под нивна капа, имаат неплатени сметки во вредност од 133 милиони евра. Општинскиот долг, заедно со долгот на јавните претпријатија во однос на првите три месеци од минатата година е намален за само 3,5 милиони евра, кога изнесувал 136,6 милиони евра. Десетина јавни претпријатија кои се под капа на општините се и на листа на должници кон Управата за јавни приходи по две основи, поради неподмирен данок на добивка и ДДВ.











