Нови искри меѓу Грција и Северна Македонија околу името. Атина предупредува на „сериозни последици“ поради непочитување на Преспанскиот договот, а идниот премиер Христијан Мицкоски соопшти дека има право да го користи само името „Македонија“. Дел од аналитичарите оценуваат дека тоа на Северна Македонија може да ѝ донесе проблем во евроинтеграциите, додека за други заканите немаат тежина бидејќи преговорите со ЕУ секако се блокирани.

По шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот на надворешната политика на земјава откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните и претседателските избори на 8 мај. Ако до 2018, речиси три децении летаа искри меѓу Атина и Скопје за името на државата, деновиве остри реакции се разменуваат околу тоа како и кога треба да се употребува новото уставно име – Северна Македонија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како иден премиер, најави дека ќе го следи патот на новата претседателка на државата, Гордана Сиљановска Давкова, која во својата заклетва го користеше само името „Македонија“ и јасно порача дека не се откажува од тоа во јавните настапи бидејќи е нејзино лично право на самоопределување.

И ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија во Грција беа во опозиција кога беше потпишан Договорот во Преспа и се изјаснија дека се против него, но дека ќе го почитуваат како меѓународен договор.

Најави за нови блокади на евроинтеграциите

Од грчка страна, експресно пристигнааа остри реакции и од премиерот Кирјакос Мицотакис и од членови на неговата влада.

„Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога тој се ратификуваше во грчкиот Парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување“, порача денеска (17 мај) грчкиот премиер Мицотакис на собир со граѓани во градот Верија.

Повеќе на РСЕ