Течат преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ за состав на Влада иако добар дел од програмите им се спротивставени за важни национални теми – на прво место, уставните измени. Од „Вреди“ калкулираат со рок од 6 до 9 месеци за тие да се направат, а во меѓувреме да завршат изборите и во Бугарија и за Европскиот парламент

Соединетите Американски Држави (САД) охрабруваат продолжување на дијалогот меѓу Скопје и Софија, изјавија од Стејт департментот на 13 мај, откако новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова го употреби името Македонија без додавката „северна“ кога даде свечена заклетва во Собранието.

„Го охрабруваме продолжувањето на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, во рамките на заедничките заложби за идното полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ“, велат од Стејт департментот.

Коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на „Вреди“(„Влен“) кои сега преговараат да ја состават новата Влада, очекуваат нови моменти меѓу Скопје и Софија откако во јуни ќе се одржат парламентарни избори и во Бугарија.

Затоа, од „Вреди“ калкулираат со рок од шест, најдоцна девет месеци(по Нова година) за да се направат уставните измени, најважното прашање што треба да се реши за Северна Македонија да го продолжи патот кон Европската унија(ЕУ).