Извесно е дека коалицијата „Вреди“ е сигурен партнер на ВМРО-ДПМНЕ за новата влада. Според математиките за освоен број пратеници, трета партија може, но и не мора да влезе во Владата. Мицкоски веќе ја испрати ДУИ во опозиција, но во партијата чекаат исход од преговорите што ги почнува мандатарот
Со денешната средба меѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски и лидерите на 21 партија во коалицијата „Твоја Македонија“ почнуваат преговорите за состав на новата влада на Северна Македонија.
За во следните денови Мицкоски најави разговори со партиите од опозицијата кои би нашле заедничка точка на поврзување со ВМРО-ДПМНЕ со намера „на секого да му дадат шанса“.
„Граѓаните ќе се гордеат со новата влада. Ќе преговараме со сите опозициски партии, но тоа не значи дека сите ќе бидат дел од новата влада“, рече Мицкоски во обраќањето по победата на двојните избори на 8 мај.
Според роковите во Уставот, Владата би требало да биде предложена најдоцна до крајот на јуни. Таа треба да биде изгласана со мнозинство од 61 пратеник од вкупно 120 во Собранието.
Мицкоски е уверен оти ќе ја формира Владата во најкус можен рок.
Математиката во корист на ВМРО-ДПМНЕ
Извесно е дека новата Влада ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратеници и „Вреди“ („Влен“), коалицијата на опозициските партии на Албанците со освоени 13 пратенички мандати.
Според Мицкоски, коалицијата „Вреди“ со резултатот од 107.000 гласови на парламентарните избори на 8 мај е кредибилиен партнер во идната Влада.
Повеќе на РСЕ









