Православните христијани денес го прославуваат најголемиот христијански празник Велигден.
По тој повод се одржуваат велигденски литургии во црквите во Македонија, но и во регионот и светот, на кои традиционално присуствуваат голем број луѓе.
Според христијанското верување, Исус Христос воскреснал на третиот ден по неговата смрт, а преку овој празник се слави победата на животот над смртта. Велигден се празнува три дена, а се честита со зборовите „Христос воскресе – навистина воскресе“.
Обредите по повод празникот почнуваат на Велики четврток кога, пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца што, според верувањето, ја симболизира крвта на Исус.
По литургиите, граѓаните во своите домови, во семејна атмосфера, со трпеза со традиционални јадења, а потоа и со посета на блиските го одбележуваат празникот.










