Цените за сместување за годинешниов летен одмор се повисоки од лани како во Северна Македонија, така и во Грција, а особено во Турција. За Македонците кои немаат пасоши, а сакаат на море, алтернативна можност се Црна Гора и Албанија во кои може да се патува и со стари лични документи

За после 15 јуни не ме ни прашувајте, место нема, ни рече сопственик на апартмани за издавање во Охрид, при обид на крајот на април да резервираме неколку дена одмор за термин на почетокот на јули.

„Се ми е полно, веќе е резервирано преку „букинг“. Терминот од Од 29 јули до 5 август е пополнет уште пред два месеца. Може евентуално да се најде нешто за после 15 август“, ни рече сопственикот кој издава апартмани на повеќе локации во Охрид.

Тој вели дека пред почетокот на летната сезона, има зголемен број резервации од домашни туристи, кои не извадиле нов пасош или не се сигурни дека ќе го добијат навреме за да летуваат во други држави.

Сепак, тој број не е доволен да го „наполни“ Охрид чиј успех во сезоната повторно ќе зависи од бројот на странци што ќе го посетат, велат туристички работници.

Според последните информации од Министерството за внатрешни работи, заклучно со 17 април 2024, за пасоши со новото име на државата се фотографирани 1.524.118 граѓани.

Заклучно со истиот датум, фотографирани се и 1.267.888 граѓани за нови лични карти, информираа од МВР за Радио Слободна Европа (РСЕ). Но од МВР не ја соопштуват бројката на вкупно издадени документи.

Новите лични документи се обврска од Преспанскиот договор потпишан со Грција и по 12 февруари без нив не може да се патува во странство, со исклучок на некои држави од регионот кои дозволија влез со важечка лична карта. Меѓу нив се и Албанија и Црна Гора, чие море и туристичката понуда се привлечни и за македонските туристи.

Одморот поскапува – цените повисоки од лани

Според соговорниците со кои разговаравме, а кои издаваат сместување, цените во Охрид за просечно опремен апартман за четиричлено семејство се движат од 40 до 60 евра и повеќе, за ноќевање во јули и во август.

Ноќевање во истите апартмани за велигденските празници е околу 30 евра. За велигденските празници отсега се направени многу резервации во Охрид, според сопствениците на апартмани и станови за издавање.

Повеќе на РСЕ