Победата на Сиљановска Давкова во првиот круг не е изненадување, но неочекувано е убедливото водство пред Пендаровски, коментираат аналитичари за РСЕ. Според нив, Максим Димитриевски и неговата партија ЗНАМ се најголеми добитници. Каква улога ќе имаат гласовите за албанските партии за избор на претседател во вториот круг?
Предноста на Гордана Силјановска-Давкова во однос на актуелниот претседател Стево Пендаровски беше очекувана, но изненадување е големата разлика во гласовите, сметаат аналитичари со кои разговаравме по резултатите од првиот круг на претседателските избори на 24 април.
Сиљановска-Давкова како кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ освои над 362 илјади гласови (40,08 отсто), двојно повеќе од кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски кој освои над 180 илјади гласови (19,93 отсто), според резултатите на Државната изборна комисија (ДИК) по преброени над 99 отсто од гласовите.
Гласањето – казна за актуелната власт
Марко Трошановски – претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, смета дека убедливата победа на Сиљановска пред Пендаровски е многу повисока од очекуваното, но оценува дека граѓаните на овие избори гласале за да ги казнат политиките на актуелната власт.
Тука пред се е незадоволството од високиот степен на корупција и криминал, на што предупредува и меѓународниот фактор. Трошановски најбројува зошто граѓаните ја „казнија“ власта на вчерашните избори.
„Ветувањата во домен на продолжување со партиски вработувања, неказнување на функционерите кои потфрлија во извршувањето на своите работи, скандали без разрешница, нетранспарентни јавни набавки, и на крај Кривичниот законик кој овозможи амнестија и намалување на казните на осудените функционери за злоупотреба на функциите па се до кризата со пасоши и незадоволството од Францускиот предлог усвоен без учество на експерти. На повеќе нивоа се случија потфрлања, но уште повеќе што граѓаните на видоа брза реакција на поправање на овие состојби“, објаснува Трошановски за РСЕ.
Инаку, и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски по вчерашното гласање кажа оти е „јасно дека луѓето нè казнија и тоа го прифаќаме“, но дека не очекувале ваков резултат.
Пендаровски не очекувал ваков резултат, но кажа дека нема да се откаже, додека Сиљановска – Давкова побара поддршка од сите во вториот круг, особено од опозицијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на „целосно народно и седржавно обединување против оваа власт“.
Сиљановска Давкова и Пендаровски одат во вториот круг од претседателските избори, кои на 8 мај кој ќе се одржат заедно со парламентарните.
Ова ќе биде нивно второ соочување, откако пред пет години на претседателските изборите во 2019 година, Пендаровски победи тесно со околу четири илјади гласови предност.
Повеќе на РСЕ









