Приватните специјализанти денеска повторно протестираа, откако не прифатија нивните барања да се решаваат по изборите. Најави за радикализирани протести има од „Национални шуми“, „Водостопанство“, „Македонски пошти“, во време кога партиите во кампањата ветуваат повисоки плати и подобар стандард

Некој бара неисплатена плата, некој бара повисока плата и сите обвинуваат дека државата е најлош работодавач во моментов. Неколку тековни штрајкови, најави за радикализирање на незадоволството и генерален протест на Сојузот на синдикати (ССМ) на 1 мај е предизвикот што синдикалните организации ѝ го поставија на Владата, среде двете предизборни кампањи за претседателските избори во среда, на 24 април и парламентарните избори и евентуален втор круг претседателски избори на 8 мај.

Ова е првпат да има толку штрајкови и протести во време на кампања и пред Влада која има само технички мандат да ги спроведе изборите.

Од почетокот на кампањата, штрајкуваа или уште штрајкуваат приватните специјализанти на клиниките, вработените во културните институции, вработените во „Македонски шуми“, во „Водостопанство“ и здравствените работници.

Пред одлука за радикализирање на незадоволството, како што се „Македонски пошти“, „Паркови и зеленило“ и „Водостопанство“најави Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП.

ССМ веќе најави генерален протест на 1 мај, Денот на работниците.

Што ќе добијат пред избори?

На прашање што очекуваат од влада која нема мандат да носи крупни одлуки, од синдикалните организации велат дека проблемот е што некои институции не исплаќаат ниту плати, што спаѓа во редовни месечни обврски.

„Ако до 15 април не добиете плата за март, нормално дека на 16 април ќе си го барате заработеното“, велат вработени во културата кои минатата недела протестираа поради неисплатена мартовска плата.

„Станува збор за владини институции. Недозволиво е ова да ни се случува, 15 денови пред избори. Да барате наш глас, а да не нѐ плаќате како што треба. Зборуваме за плата што сме ја одработиле, а не за мито и за корупција“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Повеќе на РСЕ