Странските туристи се помалку денови поминуваат во земјава, иако бројот на посетители се зголемува. Тоа значи дека надлежните не ги искористуваат потенцијалите на туризмот, кои според туристичките работници може да донесат приход од милијарда евра годишно. Државата туризмот го промовира со буџет од 30.000 евра.

Лара од Шпанија е во тридневна посета на Северна Македонија заедно со група од десетина нејзини пријатели. Во центарот на Скопје таа ни раскажа дека прво биле во Охрид, а потоа и на тура во Кањонот Матка.

„Природата е прерасна и времето исто така. Единствено не ми се допаѓа тоа што гледам улични кучиња на улиците, бидејќи ми е жал за нив. Другите работи навистина се убави“, вели Лара.

На плоштадот Македонија во Скопје се разминуваат повеќе групи туристи од различни делови во светот – Австрија, Германија, Шпанија, Швајцарија, од и од азиските земји како Кина или Јапонија.

Дел од групите со туристички водичи беше и Зерван од Берлин, кој дошол со неговата сопруга на едномесечен престој во Скопје и вели дека е импресиониран од убавите планини околу градот, а му се допаѓа и архитектурата и бројните велосипедски патеки во Скопје.

„Мислам дека понекогаш квалитетот на воздухот не е добар, но не знам како можете тоа да го подобрите. Исто така мислам дека за странците треба да биде полесно да дојдат до картички за јавниот транспорт “, вели Зерван.

Повеќе на РСЕ