Некои пијат кафиња, други се шетаат по дуќани, трети праќаат политички пораки, а некои и се водители на поткасти. Оваа активност на кандидатите за политички функции за дел од експертите е нормална предизборна себе промоција, но прашањето е и дали навлегува и во сината зона на почитувањето на законите?

Претседателскиот кандидат Бујар Османи како домаќин на поткасти, Моника Зајкова од ЛДП како Инстаграм инфлуенсерка, а Силјановска-Давкова со политички пораки на социјалната мрежа Тик-Ток…ова се само дел од обидите на политичките кандидати за претстојните парламентарни и претседателски избори да дојдат до глас повеќе.

Социјалните мрежи, пред се Фејсбук и Инстаграм, веќе извесен период се алатки кои им служат на политичарите да промовираат кратки исечоци од своите телевизиски интервјуа со клучните поенти од нивните излагања, каде оние кои го пропуштиле терминот на телевизија, подоцна ќе можат да видат што тој или таа имал да каже.

Но, во овој предизборен период, иако пред почеток на кампања, се почести се претставувањата на личните хобија на претендентите за власт како еден вид на самопромоција на популарните социјални мрежи.

Политичарите се обидуваат да станат инфлуенсери

Еклатантен пример за тоа е претседателскиот кандидат Бујар Османи кој започна да води поткаст, па публиката сега има прилика да го доживее и како своевиден телевизиски водител.

Османи кој по професија е доктор, а на политичката сцена е препознатлив како актуелен министер за надворешни работи, сега снима поткасти на албански јазик и ги објавува на социјалните мрежи.

Политиката секако е тема во неговите поткасти, но гости исто така се и музичари и спортисти со кои дебатира за сосема поинакви теми.

Повеќе на РСЕ