Предвремена изборна кампања и десетици претставки против функционери до Антикорупциската комисија за користење на државни ресурси во корист на нивните партии. Александар Новаковски – поранешен претседател на ДИК, вели дека партиите ја користат сивата зона во правниот систем за промоција надвор од официјалната изборна кампања.
Вкупно 22 предмети за прекршување на Изборниот законик досега отворила Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а станува збор за претставки за функционери кои користеле државни ресурси во корист на нивните партии. Антикорупциската комисија работи на предметите, додека истовремено експертите укажуваат дека партиите се одамна влезени во предвремена изборна кампања, на што постојано укажува и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во своите извештаи.
Од ДКСК за Радио Слободна Европа велат дека меѓу претставките се постапката за набавка на хеликоптерите во Министерството за одбрана, набавка на медицински возила во Министерството од здравство, исплати на додатоци за плата во Министерството за информатичко општество и администрација и претставка против Академијата на судии и јавни обвинители поради огласи за вработувања. Исто така, предмети се отворени за злоупотреба на возила и канцелариски материјали во други институции и за предвремено рекламирање на кандидат за претседател.
„Постапуваме по пријави во однос на непочитување на забраните коишто се уредени во Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, односно оние во членовите 8-а и 8-б кои се однесуваат од денот на распишување на изборите“, вели за РСЕ претседателката на ДКСК Татјана Димитровска.
Повеќе на РСЕ









