Дел од аналитичарите сметаат дека ќарот на големите партии од коалицирање со малите е повеќе создавање впечаток во јавноста дека се создава голем фронт, а според некои и малкуте гласови што би ги донели малите партии може да пресудат за бројот на пратеници. Но, согласни се дека во целата ситуација со менувањето страни, помалите партии повеќе покажуваат клиентелизам отколку идеологија.

Трансформации од жестоки критичари до политички ортаци, предизборни престројувања, потпишување меморандуми и договори за коалицирање, прелетувања од една на друга страна, ја окупираат политичката сцена додека се одбројуваат деновите кога политичките партии треба да ги финализираат кандидатските листи за пратеници.

Рокот за нивно поднесување до Државната изборна комисија (ДИК) истекува на 2 април по што и официјално ќе треба да бидат потврдени сите имиња на кандидатите од шесте изборни единици. Целосните листи ќе покажат и колку места големите партии отстапиле за помалите партнери.

Прегрупирањата, за дел од аналитичарите, го покажуваат политичкиот клиентелизам, а кај дел од помалите партии и придржувањето до принципот „секогаш со победникот“.

Извор:РСЕ