Со влезот на Северна Македонија во НАТО се отвори и пазарот тежок над 5 милијарди евра. Интерес кај македонските компании има, ама до тендери се стигнува тешко. Министерството за одбрана нема податоци колку компании досега добиле НАТО тендер. Од Стопанската комора се надеваат да станат барем подизведувачи во овие јавни набавки.

Секоја регистрирана компанија на системот за јавни набавки во Северна Македонија може да „атакува“ и на тендери за јавни набавки на НАТО. Ова треба да овозможи економски придобивки од членството во Алијансата и можност на македонските компании да станат дел од ланецот на набавки и снабдување со производи за потребите за НАТО армиите, базите и разни мисии во светот.

Но, за да извојува победа на тендер на меѓународно ниво над конкурентските компании во сојузничките земји, македонските компании мора и технолошки и развојно да одговорат на барањата на Алијансата.

Од Министерството за одбрана, која го води процесот за добивање „амин“ за влез во регистарот на компании кои можат да конкурираат на НАТО пазарот велат дека не постојат специфични услови и стандарди кои треба да се исполнат, а кои се поинакви од македонското законодавство. Но, за четири години од влезот на Северна Македонија во Алијансата, ваков интерес пројавиле 44 компании.

Евиденцијата на Министерстово за одбрана покажува дека овие 44 регистрирани компании се од различни сектори – прехранбената индустрија, наменско производство за специфична заштитна опрема, компании од секторот на преработувачка индустрија, градежниот сектор, за организација на настани и други.

Извор:РСЕ