Ажурирање на Избирачкиот список, консензус за измени на Изборниот законик и договор за комплетирање на ДИК се дел од прашањата пред институциите и партиите во пресрет на претседателските и парламентарни избори што се распишуваат денеска. Промовирањето на кандидатите треба да заврши во март.

Во Избирачкиот список во моментов се запишани точно 1 801 760 граѓани кои имаат право на глас на претстојните претседателски и парламентарни избори. Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска, 14 февруари, го потпиша правниот акт со што и формално ги распиша двојните избори што треба да се одржат на 24 април и 8 мај.

Со ова почнуваат да тече и рокот од 48 часа во кој институциите треба да ги достават податоците до Државната изборна комисија (ДИК) за ажурирање на списокот. Ова ќе бидат први избори откако државата по две децении успеа да спроведе попис на населението во 2021, но тоа, посочуваат од ДИК, не е поврзано со Избирачкиот список.

„Во јавноста веќе неколку години наназад несоодветно се споредуваат податоците во Избирачкиот список со податоците од пописот на население. За составување на овие две бази на податоци се користи сосема различна методологија, и тие се неповрзани меѓу себе“, велат од ДИК за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Повеќе на РСЕ