Со 90 гласа „за“, без ниту еден глас „против“ и без „воздржани“, Собранието по брза постапка ги изгласа измените во законот за безбедност на сообраќајот, со што се овозможува датумите со важност на возачките дозволи со старото име на државата, наместо 12 февруари, да продолжат да важат до 31 декември 2024 година.

Во кратката расправа пред пратениците да ги изгласаат законските измени, пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ ги критикуваше Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи, посочувајќи ги како виновници за хаосот кој се случуваше со промената на личните документи.

Пратеникот од редовите на Левица, Димитар Апасиев, кој иако беше еден од предлагачите на овие законски измени, рече оти не верува дека ова е долгорочно решение на проблемот со промената на личните документи.

„Станува збор за изнуден закон кој ни го изнуди реалноста, но сметам дека не го дава она што го сакаме како конечно решение, бидејќи ниту власта ниту најголемата опозициска партија не најдоа системско решение за проблемот. Имено, продолжувањето на рокот не го решава проблемот, во декември ќе носиме ист ваков закон затоа што нема да го решите овој проблем“, истакна Апасиев.

Претходно, на итна седница која ја закажа претседателот на собранието Јован Митрески, со 88 гласа „за“ беше беше изгласана потребата од гласање на овие законски измени, а предлагачи на овие измени беа група пратеници, чиј состав вклучуваше и членови на власта, но и на опозицијата.

Повеќе на РСЕ