Налепниците за регистарските таблици се очекуваат идната недела во станиците за технички преглед. Според Преспанскиот договор, за кодот НМК на возилата и за личните карти важи „политичкиот преоден период„, односно ако не се променат до 12 февруари ќе може да се користат само внатре во државата.

Сопствениците на возила со регистарски таблици со стариот код МК, заклучно со 12 февруари ќе треба да ги заменат со новиот код НМК што беше договорено со Преспанскиот договор којшто Северна Македонија и Грција го потпишаа во 2018 година.

Граѓаните имаат опција или да ги заменат целосно регистарските таблици, кои ги има во станиците за технички преглед каде се прави регистрација на возилата, или, пак, да стават налепница.

Нови регистарски таблици, заедно со промена на сообраќајната дозвола, чинат 2.336 денари.

Налепниците, пак, како што денеска МВР најавува ќе бидат на товар на Министерството, односно бесплатни за граѓаните, за што веќе е изготвен предлог. Но, тие се уште не се пристигнати. Од неколку технички прегледи, каде се обрати Радио Слободна Европа (РСЕ), посочија дека чекаат да им достават налепници, а регистарски таблици имаат.

„Склучен е договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците. Истите, ќе бидат доставени до сите технички прегледи во цела држава, граѓаните ќе можат да ги набават од референтите за сообраќај каде што вршат регистрација. Налепница НМК треба да набават сите сопственици на возила чии регистарски ознаки немаат никаква ознака или имаат ознака МК“, велат од МВР за РСЕ.

Извор:РСЕ