Калкулациите околу техничката влада и политичките надмудрувања траат веќе два месеца. Опозицијата вечерва ќе одлучува за министри и дополнителни-заменици во техничката влада, а идниот премиер Џафери вели дека ќе ги достави ако има номинации. Процедурите ќе започнат утре со оставка на Ковачевски.

Актуелниот претседател на Собранието и иден технички премиер Талат Џафери во сабота (27 јануари) планира да го предложи составот на новата Владата. Гласањето за неа во парламентот се очекува да се случи в недела (28 јануари) кога истекнува законскиот рок од 100 дена пред парламентарните избори да се избере нова преодна влада.

Изборите треба да се одржат на 8 мај 2024 година, а датумот беше договорен на лидерска средба уште на 4 декември лани. Тоа значи дека уште тогаш беше познато оти на 28 јануари треба да се избере техничка влада, но и по речиси два месеци владиниот состав не е целосно познат, а партиите секојдневно се надмудруваат дали и кој треба да гласа за него во парламентот. Денеска, кога остануваат уште четири дена до изборот на техничка влада, по координација на пратеничките групи кај Талат Џафери, од Собранието официјално го соопштија планираниот календар со активности – оставки, нивно констатирање, доделување мандат, предлагање и гласање за нова влада.

Повеќе на РСЕ