Празничната литургија се случи во храмот Рождество на Пресвета Богородица, по што следуваше осветувањето на водите на Вардар. За фрлањето по крстот беа пријавени над 150 верници кои во име на традицијата и вербата во Бога, влегоа во студената и надојдена река, за да го фатат светиот крст, кој според православното верување, ќе им донесе здравје и благосостојба.

Надојдениот Вардар им го отежна пливањето на неколкумина. Двајца се бореа за живот, а несреќа за конец беше избегната благодарение на подготвеноста на екипите за спасување на Црвениот крст.

Со јажиња и чамци беа извлекувани капачите на брегот на реката, а по успешната акција спасувачите и пливачите беа наградени со аплауз од присутните.

Водици се одбележа во сите градови низ Македонија. Во Охрид како и секоја година празникот се одбележува масовно, со присуство на илјадници верници,  и стотици капачи кои влегуваат во осветените езерски води.

Никола Јакимоски од Охрид денеска беше најсреќен меѓу охриѓани. Тој на манифестацијата Водици учествува од својата 15та година.

Во Штип крстот го фати Оливер Стојанов додека во Ново село Светиот крст го фати Ристе Стојанов кој по крстот се фрла девет години. Во Куманово светиот крст го фати Бојан Костадиновски, во Битола Иван Стојановски, во Струга Дарко Паскоски, во Тетово 21 годишниот Давид Дамјановски.

Сите си посакаа многу здравје и берикет со желба за просперитетна година.

Извор:24мк