Додека и оваа зима речиси сите градови во Северна Македонија со покриени со дебели покривки од смог, државниот мониторинг за мерење на загаденоста на воздухот и натаму работи половично и со пропусти, поради што граѓаните не ја добиваат вистинската слика за аерозагадувањето. Мерењата на 22-те мерни станици на официјалниот Мониторинг систем за квалитетот на воздухот, се дополнителен проблем на долгогодишното неспроведување на потребните мерки против загадувањето од страна на властите.

Населбата Лисиче во главниот град Скопје е позната по најголемо и највидливо загадување, но и покрај тоа мониторинг станицата со години беше во мирување. Сега таа работи, но доколку се погледнат нејзините податоци таа работела но со прекини од 16 до 20 декември 2023 година. За тој период не се знае колкаво било загадувањето на ПМ10 и ПМ2,5 честичките, а загадувањето беше толку високо што граѓаните на Скопје носеа маски на отворено.

Од мерните станици во Битола фалат податоци за часовни концентрации за сулфур диоксид од 7 до 10 јануари, а познато е дека тој регион е погоден од работењето на електраната на јаглен РЕК Битола постојано испушта високи количини. Слични пропусти се забележуваат на сите мерни станици за различните загадувачки материи кои ги мерат.

„Во текот на 2023 година се случиле повеќе од 120 дефекти од различен карактер, на различни мерни инструменти, на сите мерни места. Притоа, во 2023 година се извршени повеќе од три илјади превентивни интервенции на сите мерни инструменти на сите мерни места“, одговорија од Министерството за животна средина за Радио Слободна Европа.

Повеќе на РСЕ