За дигитализацијата потребни се лаптопи, таблети, компјутери за сите ученици, но најголем дел од основните училишта се далеку од подготвени. Од вкупно 966 училишта услови има само во 45, но и таму недостастува опрема, а Министерството за образование најави дигитализација во второто полугодие.
Во многу училишта нема клупи и табли, па дигитализација е последно нешто на што помислуваат. Таков е примерот и во седумте училишта распространети во повеќе села во општина Студеничани, кои го носат името „Алија Авдовиќ“. Студеничани е рурална општина во скопскиот регион. Во повеќето од тие училишта училниците се како од средниот век, подот е со даски, нема струја и постојано е ладно, опишува за РСЕ директорот на овие училишта Мустафа Регаип. Греењето е на дрва, во училниците има ќумбиња, а за подобрување на состојбата се чекаат донации од родителите на учениците.
„Во овие училишта нема ниту интернет врска, така што засега не може да се зборува за дигитализација“, објаснува Мустафа.
Во селото Цветово учат 110 ученици, во девет паралелки, во две смени. Учениците за една недела треба да се вратат во училишните клупи и да го почнат второто полугодие. А од второто полугодие, според Министерството за образование и наука (МОН) треба да почне дигитализацијата во училиштата.
Бидејќи од подрачните школи во Цветово има најмногу ученици, Мустафа вели ќе поднесе барање до МОН да се обезбедат барем основните средства за таму да се започне со процесот на дигитализација. Но, како што вели, јасно му е оти периферните училишта се секогаш запоставени и дека добивањето помош ќе оди бавно.
Повеќе на РСЕ










