Црната американска листа и годинава ќе се шири, а корумпираниот караван, пак, ќе си врви. Политичарите и контроверзните бизнисмени кои лани се најдоа на оваа листа во јавност го покажаа својот гламур во хотелски прослави со песни од Чолиќ и Цеца, ама правни последици од македонските институции не почувствуваа. Освен најавата на власта дека американската црна листа некогаш ќе влезе во македонското законодавство.
Видеото во кое се гледа како контроверзниот бизнисмен Јордан Камчев на микрофон ја пее песната од Здравко Чолиќ со која порачува дека „Орце нема да се предаде“ исчезна од социјалните мрежи каде што беше споделувано по прославата на 75 години постоење на Стопанска Банка Битола, во која е дел од мнозинските акционери.
Но, видеото од гламурозната свадба на Мијалкови со главната гостинка на вечерта балканската фолк пејачка Светлана Цеца Ражнатовиќ е уште е достапно на социјалната платформа Инстаграм. Слики од свадбената прослава на синот на порашениот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање осудениот Сашо Мијалков, Јордан, ја споделуваа на Инстаграм познати македонски пејачи и манекенки.
Мијалков по свадбената прослава се врати во отвореното затворско одделение во КПД Струга на доиздржување на казната.
Додека јавноста се воодушевуваше на гламурот, Агенцијата за конфискација на имот, се пожали во јавноста на пристисоци од семејството на Мијалков за да не ги продаде становите кои државата ги конфискуваше во предметот Империја, за перење пари.
Државата се надева дека ќе наплати над 21 милион евра од конфискуваниот имот на Мијалков. Досега од продадените станoви во Буџетот влегоа само над половина милион евра.
Мијалков и Камчев се две од десетината имиња на луѓе и фирми кои изминатава годинава ја зголемија „црната американска листа“ поради корупција. Тие се осудени во предметите на поранешното Специјално обвинителство „Империја“ и „Плацеви на Водно“, откако признаа вина и се спогодија со Судот да платат 5,2 милиони евра Камчев и 6 милиони Мијалков.
„Империја“ се однесуваше на перење пари, додека „Плацеви на Водно“ каде првоосуден е поранешниот премиер Никола Груевски, се однесува на нелегалното купување на плацеви на Водно со злоупотреба на партиските донации. Камчев во 2022 година излезе од затвор откако Судот му дозволи спојување на двете затворски казни. Мијалков од затвор треба да излезе во 2025 година, кога навршуваат трите години кои му ги досуди Кривичниот суд.
На Мијалков и Камчев друштво на „црната листа“ од лани им прават и роднини на бизнисмени, актуелен функционер како и неколку фирми.
Црната американска листа се збогати и со актуелен функционер
Американскиот тим за санкции утврди корупција таму каде што македонскиот правосуден систем со години не ја гледа.
Тим дипломати во 2022 година ја посети земјава за, како што тогаш изјави американската амбасадорка Ангела Агелер, да изврши увид со поагресивен поглед врз минатите и сегашните корумпирани актери во општеството. Тој тим веќе во јули му предложи на Стејт Департментот да им забрани влез во САД на најмалку десетина македонски моќници, затоа што заклучи дека со корупција и наштетуваат на демократијата.
Првото име кое лани се појави на американската црна листа беше градоначалникот на Струга од ДУИ Рамиз Мерко. За прв пат на таа листа е ставен актуелен функционер од земјава кој речиси 20 години без прекин е на некаква позиција во власта. На американските истражители им требаше само неколку месеци за да заклучат дека Мерко си присвојувал државни пари и се мешал во судски процеси.
По шест месеци од нивното соопштение Мерко и натаму е градоначалник на Општина Струга од каде што тивко се огласи дека ќе соработува со „истражни органи“. Во меѓувреме општината склучи над 20 договори за јавни набавки во вредност од околу 300 илјади евра.
Оставка немаше, а ни одговорност
„Јас да се најдам на листата на САД, не само што ќе дадам оставка, јас тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
По оваа изјава Ковачевски не одговори во јавноста дали од својот политички партнер во Владата, Али Ахмети, побарал политичка одговорност од градоначалникот.
По шест месеци Мерко за прв пат минатата недела се појави во јавноста, на настан на неговата матична партија ДУИ која јавно тврдеше дека му ги замрзнала партиските функции.
Откако заврши чудењето на премиерот „како САД на 8 илјади километри оттука виделе корупција што домашните институции не ја виделе“, републичкото Обвинителство откри над 30 предмети во обвинителски фиоки против Мерко. Дел од нив застареле, дел од нив допрва ќе застарат „благодарение на измените на кривичниот законик“, а дел, пак, уште чекаат разврска.
Автомобилот вреден 70 илјади евра кој Мекро го купи со општински пари, а за кој Антикорупциска отвори предмет, ја изгуби својата вредност затоа што е старо веќе 4 годии. Со Аудито правно застареа и предметот и претставката против претседателот на Основниот суд кој дозволил општина со блокирана сметка да купи луксузно возило.
Извор:РСЕ









