Корупцијата во државата долги години беше нарекувана рак-рана на општеството. Но, критичарите на состојбите во земјава во годината што измина и дадоа уште полоша дијагноза, сметајќи дека метастазира во епидемија. Истражните органи отворија предмети за аферите објавени во јавноста, но, епилог нема.

Новогодишната елка и светилките се симбол на празнично расположение низ целиот свет. Но, блесокот од украсувањето во главниот град Скопје падна во сенка на поинаква, потенцијално коруптивна симболика.

„Несреќната елка“ на централниот плоштад, стана предмет на интерес на зајадливи коментари и дома и во регионалните медиуми. Но, и на истражните органи.

Сомнежот за начинот на кој е украсено Скопје без градските власти да распишат јавна набавка е причината за Обвинителството да ја повика Финансиската полиција да испита дали законски се потрошени парите преку соодветна процедура.

Финансиските инспектори влегоа во град Скопје да ја проверат документацијата, а градоначалничката Данела Арсовска во партија шах со Дедо Мраз, зајадливо испрати порака дека го чека исходот од истрагата.

Како што тврди Арсовска, јавен повик сепак е распишан. Според нејзините зборови, украсувањето на Скопје чини 30.000 евра, но, сепак, не ја открива компанијата која е избрана за градот да добие новогодишен лик.

Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, побара оставка од Арсовска и предложи избори за главниот град.

Повеќе на РСЕ