Поставени нов вид камери на крстосниците и булеварите покрај старите од „Безбеден град“, кои треба да регистрираат сообраќајни прекршоци. Од каде се набавени новите камери МВР не открива, тендер има само за возилата пресретнувачи. Министерот Спасовски најавува нов софтвер за камерите.
Доколку деновиве возите на главните сообраќајници низ Скопје, ќе забележите неколку вида на камери насочени кон вас. Првите се веќе поставените на кои граѓаните се навикнати и беа дел од проектот „Безбеден град“ кој беше промовиран во 2012 година. Нив ги има над булеварите, но и до нив монтирани на столбови кои се поставени на тротоарите и тие снимаат од страна.
Вториот и третиот тип се камери кои деновиве јавноста можеше да забележи како се поставуваат, едни се слични на оние од „Сејф сити“ и се поставени на истите столбови, додека за други државата постави сосема нови држачи и се со истакната сина боја.
Но, за сега од МВР нема никаков одговор за камерите кои предизвикаа големо внимание во јавноста и освен дека тие се уште не регистрираат прекршоци. Од таму само кусо одговорија дека новите камери се во рамките на проектот „Безбеден град” и ќе се користат за документирање на сообраќајни прекршоци.
„Камерите се уште не се во функција. По завршувањето на сите потребни активности околу овој проект соодветно ќе ја известиме јавноста.“, велат од министерството.
Повеќе на РСЕ









