За едно место во Државната изборна комисија од албанската опозиција стигна поддршка за двајца кандидати, неизвесно е кој ќе собере 80 гласа. Опозициската Беса најавува и протести. СДСМ, пак, не кажува кого поддржува, а ВМРО-ДПМНЕ размислува да ги повлече и своите членови ако на избори се оди со некомплетна комисија.

Со партиски игри и калкулации за избор на член на Државната изборна комисија (ДИК), Собранието ја завршува 2023. На околу четири месеци пред избори, пратениците треба да изберат кој ќе го пополни испразнетото место, што во февруари го испразни Кренар Лога, кој стана министер за правда, кога неговата партија Алијанса за Албанците реши да влезе во владејачката коалиција.

Местото и припаѓа на албанската опозиција, а таа излезе со поддршка за двајца различни кандидати.

Зад Абудуш Демири застана коалицијата Европски сојуз за промени, во кој се обединија Билал Касами (Беса), Изет Меџити (Демократско движење) и Африм Гаши (Алтернатива). Зулфи Адили, пак, доби поддршка од Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, кој пред да ја формира оваа партија, беше дел од Беса.

Идниот член на ДИК треба да се избере на пленарна седница со двотретинско мнозинство – 80 гласа „за“. Парламентот ќе заседава утре, во објавениот предлог-дневен ред за седницата не е ставена ваква точка, но неофицијално дел од пратениците со кои разговаравме не ја исклучуваат можноста претседателот Талат Џафери на почетокот на седницата да го дополни дневниот ред. Од неговиот кабинет, пак, нема информација кога планира да го стави изборот на гласање.

Поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски вели дека комисијата може да функционира без еден член, но порачува дека нема потреба такво сценарио да се реализира. Тој не верува оти како држава ќе дозволиме такво нешто, но дециден е дека ако се случи – ќе фрли дамка врз целиот изборен процес.

„Во време кога се знае дека имаме и претседателски и парламентарни, кога се знаат датумите на изборите, кога пред ДИК претстојат големи обврски, никако не смее државата да си дозволи уште на самиот старт да има забелешки бидејќи изборниот процес не се следи само кога набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе допатува, туку целиот период – се следи како Собранието што и како реагирало, носењето на измените, имплементација. Сметам дека ќе биде крупна забелешката, но се надевам дека тој луксуз нема да си го дозволи нашата држава“, вели Новаковски за Радио Слободна Европа.

Извор:РСЕ