Иселувањето од државата, според проекциите ќе продолжи, а веројатно е дека ќе се засили кога земјава ќе влезе во ЕУ. Но, Државниот завод за статистика очекува потоа луѓето да се враќаат назад. Корупцијата е главен двигател на иселувањето и ја има во секоја сфера, смета Претседателот Пендаровски.

За помалку од 50 години односно до 2070 година во земјава ќе има речиси 1,2 милиони жители, покажуваат проекциите на Државниот завод за статистика (ДЗС) презентирани денеска (15 декември).

Ако се земат предвид податоците од пописот во 2021 според кои во државата живеат 1.836. 713 лица, тоа значи дека за помалку од пет децении ќе се намалиме за повеќе од половина милион жители или за 35 отсто.

Ваквите прогнози се според една од седумте проекциски варијанти што ги направил Заводот за статистика, а која се смета за најреална – варијантата со среден фертилитет (што ги опфаќа хипотезите за среден фертилитет, опаѓачки морталитет и променливи миграции).

Оваа варијанта, предвидува дека бројот на население константно ќе опаѓа, па така на пример во 2030 година во државата би имало 1,6 милиони жители, а во 2035 – 1,5 милиони.

Повеќе на РСЕ