Нецели два месеца по серијата истражувања на РСЕ за Државна лотарија, Управата за Финансиска полиција не открива – со каква динамика се движи предистрагата и дали евентуално е проширена кон нови лица и компании кои склучувале договори преку јавни набавки со акционерското друштво.
Што сработила Финансиска полиција за предистрагата за Државна лотарија, знаат само во оваа институција. Обвинителството нема информација дали на нивна адреса е стигнато некакво известување или пријава од Финансиската полиција во однос на предистрагата. Како причина за тоа се наведува штрајкот на јавнообвинителската служба.
Од друга страна, од Финансиската полиција не одговараат дали такво известување или пријава досега воопшто и испратиле.
Основниот јавен обвинител од Скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, вчера рече дека ги следи објавените написи за Државна лотарија, но, ни посочи одговори да бараме од Финансиската полиција.
„Постапките кои не се од итен карактер согласно закон, не можам да видам дали имам некакво известие бидејќи обвинителската администрација е во генерален штрајк. Можеби прашањето треба да го поставите во Финансиска полиција дали има изготвено соодветен извештај во однос на тоа за што беше повикана“, одговори обвинителот Бубевски на прашањето на РСЕ.
Претходно, во екот на објавените истражувања на РСЕ во втората половина од октомври, Обвинителството и порача на Финансиска да постапи, во спротивно, самото ќе отвори предмет за пишувањата за Државна лотарија.
„Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава“, одговорија од ОЈО за РСЕ на 21 октомври.
Повеќе на РСЕ










