Избор на државен обвинител, избор на двајца уставни судии како и измени на изборен законик и неколку реформи за владеење на правото ќе влезат во милост и немилост на изборната кампања, откако политичките партии се договорија парламентарните избори да се одржат на 8 мај. Новиот кривичен законик кој се уште е во работна група, законите за раководна служба и административни службеници како и за дигиталната агенција за сајбер безбедност најверојатно ќе чекаат нов пратенички состав.
Изборниот законик повторно ќе се менува согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР во предизборен период. Тоа го најави премиерот Димитар Ковачевски. Тој треба да се менува во делот на постапката на приговор и жалбена постапка, набљудувањето на изборите, регистрацијата на гласачи, изборната кампања, финансирањето на кампањата и медиумското претставување во изборниот процес.
Правилото да не се отвара изборниот законик во Собрание најмалку шест месеци пред почеток на кампања се чини дека и овој пат нема да биде испочитувано затоа што политичките партии се договорија за одржување на парламентарни избори на 8 мај догодина.
Дополнително во наредниот период политичките партии треба да изберат и нов член на Државната изборна комисија, која остана без еден член откако Кренар Лога од тогаш опозициската Алијанса за Албанците, а сега владејачка партија, стана министер за правда.
Во меѓувреме многу закони, реформи, но и избори на функционери во одредени институции се заглавени во Собранието кое ќе се распушти во февруари. Тоа значи дека полни раце работа ги чека пратеници во наредните неполни два месеци во кои влегуваат и новогодишните и божиќните празници. Се наметнува прашањето дали политичкиот договор за датум за парламентарни избори ќе ја отстрани активната блокада на опозицијата во Собранието.
Повеќе на РСЕ









