Корупцијата, политичката нестабилност и криминалот се во првите пет најголеми проблеми во државата, според перцепцијата на граѓаните во истражувањето на невладината МЦМС. Тоа е сериозна промена во однос на претходните години кога сиромаштијата и невработеноста беа клучните проблеми.
Девојче киднапирано, па убиено. Поранешен вицепремиер на американската „црна“ листа. Ќе има или не уставни измени? Дали ни треба техничка влада? Мафијашки престрелки во полн трговски центар во сред бел ден. Секој ден застарува по еден судски предмет против поранешни функционери. Ваквите наслови доминираат во медиумите. Тоа, пак, во голема мера ги отсликува најголемите проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
Корупцијата проблем број еден
Корупцијата е проблем број еден и ја истисна невработеноста на листата како најголем проблем на граѓаните, покажува истражувањето за проценка на корупцијата, изработено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Корупцијата во 2023 и во 2021, според граѓаните, е најголем општествен проблем. Претходно, пак, во 2019 и во 2018 на прво место била невработеноста. Невработеноста во изминатите години е намалена и сега изнесува 13 отсто, но стапката на невработени млади се уште е висока и изнесува 26 проценти и е највисока во регионот.
„За над 80 отсто од македонските граѓани постоењето морална криза во нашето општество, следено со неефикасноста на судскиот систем во борбата против корупцијата, желбата за брзо лично богатење на оние кои се на власт и недоволната заштита на лицата кои пријавуваат корупција, се водечки фактори за широкораспространетата корупција“, стои во истражувањето.
На половина милион граѓани им било побарано мито, а околу 380 илјади луѓе дале мито, вели претседателот на МЦМС Александар Кржаловски. Но многу малку случаи за корупција завршиле на суд. Во последната година има 98 пресуди за злоупотреба на службена должност и четири пресуди за примање мито.
„Најкорумпирани институции се владата, судството, па и Парламентот. Таму треба да почне да се води борбата против корупцијата“, вели Кржаловски.
Граѓаните како најкорумпирани професии ги посочиле – министрите, пратениците, судиите, лидерите на политичките партии и цариниците.
Повеќе на РСЕ










