Речиси 9 милиони евра за година и пол се влезени во македонскиот буџет од конфискуван имот. Становите и градежните парцели на Мијалков и Груевски чекаат „амин“ од Владата за продажба. Во меѓувреме агенцијата за одземен имот бара решавање на проблемите со кои цела деценија се справува.
Целиот недвижен имот на поранешниот директор на Управата за контраразуавање и безбедност Сашо Мијалков е проценет на 21,4 милиони евра, покажуваат последните податоци на Агенцијата за одземен имот добиени од Бирото за судски вештачења. Оваа проценка е за 6,4 милиони евра повисока од таа што ја соопшти во март годинава претходниот директор на Агенцијата, Фатон Асани.
Од Агенцијата засега не откриваат повеќе детали како е настаната оваа разлика во проценетиот имот, но најавуваат дека списокот со 23 станови, 2 апартмана во Панорама Резиденс и неколку градежни парцели во сопственост на државата наскоро ќе биде ставен на јавно наддавање.
Но, и оваа проценка не е блиску до 30 милиони, колку што првично соопшти Обвинителството дека вреди она што му се одзема на Мијалков во спогодбата со која призна вина и доби три години затвор за предметот „Империја“, каде беше обвинет за перење пари.
Од Агенцијата велат дека од почетокот на минатата година до сега во државната каса влегле речиси 9 милиони евра, од кои 6 милиони евра биле конфискувани пари, а остатокот од продажба на запленетиот имот за кој со правосилна пресуда е докажно дека е стекнат со криминал.
Повеќе на РСЕ










