Ако партиите договорат датум за избори без да ги направат уставните измени, уште повеќе ќе се влоши политичката и економската состојба во државата, оценуваат политички аналитичари. Според нив, се повеќе станува јасно дека тоа нема да се случи во овој парламентарен состав, но со тоа Северна Македонија ќе прати лоша порака до нејзините партнери во ЕУ и САД.
Додека најголемите политички партии периодов интензивно размислуваат за датуми за претстојните претседателски и парламентарни избори, се чини дека останува во втор план прашањето за уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата.
Роковите што власта ги планираше за уставните измени беа да бидат направени до крајот на годината, кога се очекува да заврши скрининг процесот на Европската комисија (ЕК) за Северна Македонија. Во меѓувреме процесот за уставните измени во Собранието беше започнат на 18 август, но собранискиот спикер Талат Џафери ја прекина седницата со оглед дека вледејачката коалиција на СДСМ и ДУИ засега не успева да го обезбеди двотретинското мнозинство неопходно за отворање на Уставот. Во вакви услови периодов почнаа жестоки изборни препукувања и според изјавите на власта и опозицијата, сега императив е да постигнат консензус за датум на изборите.
Според ова „станува јасно“ дека во овој парламентарен состав не може да се дојде промена на Уставот во рокот до завршување на скринингот на ЕК, до крајот на 2023 година, за да може да почнат преговорите по кластери со Европската унија, вели за РСЕ Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
„Сега станува јасно дека тоа не може да се случи, односно не може да се случи на нормален начин. Може да се проба со закани и со поткуп и изгледа дека тоа се пробува, меѓутоа изгледа дека ниту тоа не може да помине во овие услови, како што помина за Преспанскиот договор. Јас и лани кажав веднаш штом Владата се согласи на промена на Устав, да се отпочне постапката и уште минатата година да имавме јасно дали тоа ќе помине или не и ако не помине, да се оди на избори“, вели Кржаловски.
Повеќе на РСЕ










