Од затвор ќе може да излезат околу 250 затвореници ако во Собранието се изгласа нова амнестија што ја предлага министерот за правда, Лога. Тој тврди дека амнестијата не ги опфаќа осудените за „27 април“. За ВМРО-ДПМНЕ, предложената амнестија е парцијално решениe за ситни политички поени пред избори.
Новиот предлог закон за амнестија ќе се однесува на околу 250 затвореници од вкупно 2.345 осудени лица кои ги издржуваат затворските казни во сите затвори во земјата, велат од Управата за извршување санкции за Радио Слободна Европа. Според нивните податоци, во македонските затвори има легла за само 2.113 луѓе, а нив се сместени 2.345 осуденици. Дополнително во нив се сместени и над 260 луѓе опфатени со мерката притвор, како и 20 малолетници кои го прекршиле законот.
Министерството за правда предлага да се ослободат од затвор осудени за лесни кривични дела со затворска казна до 6 месеци. За тие кои што се осудени над 6 месеци се предлага намалување на затворската казна за 30 отсто.
Според објавениот предлог закон за амнестија со намалувањето на затворски казни нема да бидат опфатени оние кои се осудени на доживотен затвор, како и за кривичните дела убиство, измами при избори и гласање, мито и корупција силување и семејно насилство, злоупотреба на службена должност или измама со пари од европски фондови.
„Амнестијата не се однесува на лица осудени за кривични дела против државата, против човечноста и меѓународното право“, се вели во текстот на предлог законот.
Повеќе на РСЕ









