Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека неговата земја нема да го остави народот на Либија без помош во овие тешки денови по поплавите, како што не ги оставила досега.

– Во првата фаза три наши карго авиони пристигнаа во Либија со помош. Нашата цел е да овозможиме што поскоро зараснување на раните – рече Ердоган.

Турскиот претседател ова го изјави во обраќањето на Симпозиумот за новиот устав, кој се одржа во затворскиот музеј Улучанлар во Анкара, во организација на Дирекцијата за комуникации при Претседателството на Турција.

Ердоган рече дека е време да се промени турскиот устав, кој датира од 1982 година и е плод на воен удар.

– Не се откажуваме од нашата цел да и дадеме на нашата земја нов, граѓански, демократски, либерален и сеопфатен устав – рече Ердоган и додаде дека изготвувањето на нов устав е еден од важните сегменти на визијата „Век на Турција“.

– Нашата цел е устав кој им дава приоритет на луѓето, ја одразува различноста и богатството на нацијата и додава динамика во општеството – рече Ердоган.

Тој ги повика сите политички партии, невладини организации и академската заедница на Турција да се вклучат во дискусијата и изготвувањето на новиот турски устав за на крајот да се добие најдобриот можен текст.

– Ќе разговараме со сите клубови во Собранието. Ќе продолжиме по тој пат доколку го прифатат. Како владејачка опција сме подготвени за тоа – исѕакна Ердоган.