Со внесувањето во Преамбулата, бугарската заедница во Северна Македонија ќе добие редакција во МРТ, основно образование на мајчин јазик и претставник во Комитетот на односи меѓу заедниците во Собранието. Ќе се олесни и пристапот до државно вработување, но и до пари од државниот буџет.

Во Северна Македонија живеат вкупно 3.504 лица што се изјасниле како Бугари на пописот што се спроведе во 2021 година. Математички, нивниот број е 0,19 отсто од вкупното население во земјава.

Според Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20%, Бугарите и во моментов и како неспомената заедница во Преамбулата на Уставот имаат права како и сите малцинства во државата. Тоа значи, на пример, дека имаат право да добиваат пари за проекти на нивните организации од државниот буџет, но, можат да аплицираат и за државно вработување.

Со евентуалното донесување на уставните измени и внесување на Бугарите покрај другите малцински заедници во највисокиот правен акт на земјава (Роми, Власи, Турци, Срби, Бошњаци и други), законски ќе добијат и други, поголеми права отколку што ги имаат сега.

Нивните права во Северна Македонија ги штити Агенцијата за остварување на правата на заедниците.

Повеќе на РСЕ